Дали е добар тренер или само голем трошач? Мурињо досега потрошил милијарда и пол евра за нови играчи

Жозе Мурињо трпи голем број критики за играта на Манчестер јунајтед во тековната сезона. „Црвените ѓаволи“ се дури на осмото место во Премиер лигата, а португалскиот стратег како главна причина за овој неуспех ги потенцира слабите „пазарења“ за време на летниот преоден рок. Мурињо се жалеше дека не ги добил потребните пари за да создаде екипа која ќе се бори за врвот на табелата.

Стратегот кој може да се пофали со многу титули во кариерата, меѓу кои и трофејот во Лигата на шампионите, сега го чека зимскиот преоден рок, во кој ќе се обиде да доведе барем некој од играчите за кои тој инсистира. Низ целата тренерска кариера Мурињо има доведено вкупно 133 нови играчи, од кои за 101 фудбалер морал да плати оштета.

До овој момент, 55-годишниот Португалец има потрошено неверојатни една милијарда и 553 милиони евра за засилувања, и тоа како тренер на Леирија, Бенфика, Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, потоа повторно во Челзи и сега во Манчестер јунајтед.

Најдобриот потег во кариерата му е тој кога во летото 2009 година реши да го продаде Златан Ибрахимовиќ од Интер и за него доби 69,5 милиони евра, плус Самуел Ето од Барселона. Покрај тоа што го доби Ето, парите од Ибрахимовиќ ги потроши на купување на Диего Милито (25 милиони евра), Тијаго Мота (10,2), Весли Снајдер (10) и Луис (7). Со овие играчи, Мурињо успеа од Интер да направи шампионски тим кој стигна до тројната круна, па во витрините на „Џузепе Меаца“ се најдоа пехарите од Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите.

Сепак, Мурињо сега е далеку од таков успех во Манчестер. Иако во својот состав има играчи кои се меѓу најскапите во светот, Јунајтед полек, но сигурно станува еден просечен клуб. Останува да видиме дали во јануарскиот преоден рок Мурињо ќе успее направи „магичен“ потег и да ги врати „црвените ѓаволи“ кон врвот на табелата.

 

 

- Оглас -

Најнови вести