ПСЖ ако потпише со Меси може да биде исфрлен од ЛШ

Часови се во прашање која Пари Сен Жермен ќе објави дека Лионел Меси е нивни нов играч. Аргентинецот кој досегашната цела кариера ја помина во дресот на Барселона, вчера на емотивен начин со солзи во очите се збогува од каталонците. Меси не потврди дека сигурно заминува во ПСЖ, но потенцираше дека има разговори со францускиот тим.

Барселона не потпиша нов договор со Меси поради тоа што ќе го нарушеше финансискиот фер плеј, а тоа не го дозволија челниците на шпанската лига. Затоа, Меси сега е на пат кон Париз, иако и Светците се во слична ситуација како Барса.

Според пишувањата на францускиот весник „Онда Серо“, ПСЖ свесно ќе ризикува да го доведе Меси, но и да ги задржи сите досегашни ѕвезди само со една цел, да биде освоена Лигата на шампиони. ПСЖ еднаш играше во финалето на ЛШ, но загуби од Баерн Минхен, а целта на катарските газди е токму тоа, нивниот клуб да биде на кровот на фудбалска Европа.

Со доведувањето на Меси, но и задржувањето на Килијан Мбапе и Нејмар во тимот, ПСЖ свесно ќе го прекрши финансискиот ферплеј, а тоа може да им донесе жестока казна. Според најавите, доколку се случи да биде прекршен финансискиот ферплеј, ПСЖ ќе биде исфрлен од натпреварите во Европа, но таа санкција би била во сила дури за три години.

Тоа значи дека ПСЖ со Меси, Нејмар и Мбапе во тимот ќе имаат време од три години да стигнат до европската титула, а потоа може да се случи Светците и да бидат исфрлени од натпреварувањата на УЕФА. Барселона веќе започна постапка за да се обиде да го блокира трансферот на Меси во ПСЖ, но тоа тешко дека ќе се случи.

Се очекува Меси во ПСЖ да потпише двегодишен договор, со опција за продолжување на уште една сезона и да заработува по 35 милиони евра годишно. ПСЖ во сезоната 2019/20 пријави загуба од 124 милиони евра, а ланската сезона загубата стигна до околу 200 милиони евра, но и покрај тоа продолжуваат да трошат пари за нови играчи.

 

- Оглас -

Најнови вести