Колку го ценат во Загреб – Крзнар за Адеми: И кога е на клупа за резерви Аријан е богатство за Динамо

Аријан Адеми е вистинско богатство за Динамо Загреб, а колку значи за тимот на хрватскиот првак говори изјавата на тренерот Дамир Крзнар пред реванш мечот против Легија во полуфиналето од квалификациите за настап на во Лигата на шампионите.

Динамо утре ќе гостува во Варшава по ремито 1:1 на домашен терен, а Адеми, кој е повреден и се уште е во процес на рехабилитација се очекува да биде на клупата за резерви.

„Одлуката дали Аријан ќе игра во реваншот, или не, ќе ја донесеме по последниот тренинг. Не смееме да го форсираме, бидејќи тој ни значи многу и за во иднина. Кога Адеми е на терен, тој е моторот на екипата. Со него Динамо е поинаков тим, а дури и на клупата за резерви ни значи многу. Играчите се посигурни и помотивирани кога Аријан е со нас“, вели Крзнар.

Адеми не беше во составот на Динамо Загреб за првиот меч што се играше на „Максимир“ и заврши нерешено, 1:1.

Реваншот ќе се игра утре од 21 часот во Варшава, а победникот од двомечот ќе игра со подобриот од двата дуели меѓу Црвена Ѕвезда и Шериф. Реваншот и на овој двомеч се игра утре, од 19 часот во Тираспол, а и двете екипи ќе почнат со идентични 1:1, како и во Варшава.

Победниците во плејофот од квалификациите ќе играат во фазата по групи во Лигата на шампионите што значи и одлична заработка од најмалку 15.6 милиони евра.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести