Капитенот на данската репрезентација Кристија Ериксен уште закрепнува по претрпениот срцев удар пред неполни два месеци, но веќе се зборува за негово враќање на теренот. Ериксен падна на теренот за време на дуелот против Финска во првото коло, а благодарение на присебната и брза реакција на лекарите, животот на Ериксен беше спасен.
Фудбалерот беше пренесен во боница во Копенхаген, каде успеа целосно да закрепне, а потоа му беше вграден дефибрилатор за помош при работа на срцето.
Пред неколку дена Ериксен дури се врати и во Милано, каде ги посети своите соиграчи од Интер. Сепак, Ериксен нема да може да продолжи да игра за Нераѕурите, затоа што според правилата на Серија А, не е дозволено да играат фудбалери со вграден дефибрилатор.
За разлика од Италија, во Холандија е дозовлено играње на овие фудбалери, па веќе се појавија информации дека Ериксен одлучил да се врати во Ајакс каде што играше во младинската школа, а потоа од 2010 до 2013 година беше дел од сениорскиот тим на четирикратниот европски првак.
„Извори блиски до Кристијан Ериксен потврдуваат дека играчот ги направил првите контакти за враќање во својот поранешен клуб. Неговото здравје го проверија и лекарите од Ајакс и тие дадоа зелено светло за реализација на трансферот“, најави новинарот Омар Хаваш.
Ериксен во Ајакс одигра 163 меча и даде 32 гола, а имаше и 65 асистенции. Од Ајакс, Ериксен замина во Тотенхем каде што играше од 2013 до 2020 година. Ајакс во своите редови го имаат Далеј Блинд, кој игра со вграден дефибрилатор.