Меси: Тешко ми беше кога ја напуштив Барселона, но драго ми е што дојдов во амбициозен клуб како ПСЖ

Лионел Меси на својата прва прес-конференција како нов член на ПСЖ, прво што кажа е дека многу тешко го поднесе заминувањето од Барселона по повеќе од две децении, но кариерата ја продолжува во амбициозен клуб каков што е актуелниот францускит вицепрвак со кого се надева дека ќе продолжи да освојува трофеи.

„Нема сомнение дека ми беше тешко што си заминав од Барселона, но среќен сум што дојдов во клуб каков што е ПСЖ, кој има огромни амбиции и фантастичен тим. Управата беше толку брза и сериозна во намерата да ме доведе тука, ме контактираа веднаш откако беше потврдено дека нема да продолжам со Барселона. Ме пречекаа на прекрасен начин, со нетрпение чекам да почнам со тренинзи и да им се приклучам на новите соиграчи. Одреден период ќе мора да тренирам сам за да ја повратам формата, се надевам дека што поскоро ќе можам да играм. Тука дојдов со голема мотивација да ѝ помогнам на екипата и желба да придонесам за новите успеси“, посочи Меси на прес-конференцијата.

Магионичарот од Розарио доаѓа со единствено реноме. Светците се пресреќни што во нивниот тим ќе игра рекордерот по бројот на освоени Златни топки, четирикратен европски првак и уште бројни титули освоени во Шпанија.

Претседателот Насер Ал-Келаифи најави дека со Лео, ПСЖ ќе атакува на сите фронта, а главната цел е да се освои Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести