Динамо го сонува мечот од август 2012 година против Шериф

Вечерва ќе бидат познати последните тројца патници за групната фаза од Лигата на шампионите, а неизвесност ќе има во сите три реванш-дуели. Брондби го пречекува Салцбург, а австрискиот тим ќе брани еден гол позитива, односно предност од 2:1. Со еден гол плус е и Шахтар, но украинскиот тим ќе игра на свој терен против Монако, што значи дека Французите ќе мора да бркаат триумф на гости.

Најинтересниот меч за нас ќе се игра во Загреб, каде што Динамо е домаќин на Шериф Тираспол. Аријан Адеми и Стефан Ристовски се членови на Динамо, а од неодамна за тимот на Шериф потпиша Бобан Николов, што значи дека најмалку еден македонски репрезентативец ќе биде дел од елитната Лига на шампиони.

Динамо беше фаворит уште пред првиот меч, но по првите 90 минути во Молдавија, Шериф се стекна со одлична предност од 3:0. Модрите на „Максимир“ ќе мора да дадат барем три гола, а да не примат ниеден за да ја анулираат оваа голема негатива.

Низ историјата, Динамо и Шериф играле вкупно седум пати, а Хрватите се со четири победи, два меча завршиле нерешено, а молдавскиот тим првпат победи пред седум дена. Модрите вечерва ќе бараат повторување на августовската вечер од 2012 година, кога исто така во квалификации за ЛШ играа овие два тима, а Динамо во Загреб победи со 4:0. Сепак, тој Шериф и овој сегашниов се сосема ралични приказни, па останува да видиме дали Хрватите ќе успеат да испишат историја и да анулираат три гола негатива.

 

- Оглас -

Најнови вести