Одбојкарите на Македонија денес во 13 часот ќе ги одмерат силите против Турција во третото коло од групната фаза на Европското првенство.
Надежите се дека ќе биде „трета среќа“ за Спартанците во обидот да изборат прва победа на континенталниот собир, откако домаќинот Финска и Холандија им одржаа поучни лекции во поразите изминативе денови.
Турција е селекција која може да се совлада со оглед на тоа дека Македонија се сретна со овој противник во квалификациите за ЕП, а на стартот од годинава изборија триумф од 3-1 во сетови на домашен терен, што е идентичен резултат од поразот на гостувањето кај Турците претходно во истите квалификации. Се паметат уште две победи на Македонија од Европската лига во 2014 година со 3-1 и 3-0, што значи дека имаме позитивен биланс од 3-2 против оваа репрезентација.
Спартанците не треба да бидат заплашени што Турција заедно со Финска има максимален учинок по две кола во групата Ц, она што треба да ги плаши е дека уште еден пораз би бил фатален за нив.