Во дуелот на двата најуспешни тима во Источната конференција на НБА-лигата за оваа сезона, Милвоки славеше на гости кај Торонто со 104:99. За Милвоки ова беше 17-ти триумф, додека Торонто го претрпе седмиот пораз. Младата ѕвезда на Милвоки, Јанис Адетокумбо, беше незадржлив и на крајот заврши со 19 поени и исто толку скока, а имаше и шест асистенции.
Во поголем дел од мечот беше неизвесно и ниту една од екипите не создаде двоцифрена предност. Во решавачката последна четвртина Милвоки имаше водството од 79:74 и со серија од 6:0, зголеми на 85:74, па до крајот не дозволи домаќинот да ја анулира негативата.
Со овој триумф Милвоки стана првиот тим сезонава кој успеа да му нанесе два пораза на Торонто. Ако сезоната продолжи во овој ритам, ова ќе бидат двата тима кои би ги задржале првите две позиции на Истокот, што значи дека се работи за потенцијално финале на оваа конференција.
Резултати: Детроит – Њу Орлеанс 108:116, Торонто – Милвоки 99:104, Сан Антонио – Јута 110:97, Њујорк – Шарлот 107:119.