Мирел Радои ќе се обиде да искомбинира и да ги покрие проблемите што Романија ги има во офанзивата, па најверојатно е дека вечерва од 20,45 часот против Македонија гостите ќе играат без класичен шпиц.
Алибек, Пушкаш и Кешеру кои на претходните мечеви играа како класични напаѓачи за Романија нема да играат вечерва, па гостите се со само еден класичен шпиц, Јован Марковиќ.
Тој играше за Романија пред три дена кога беше победен Лихтенштајн, но вечерва ќе се игра сосема поинаков меч и многу поважен и за двете репрезентации, па Радои нема да ризикува со неискусниот 20 годишен играч на Универзитатеа Крајова.
Според најавите во романските медиуми, селекторот на Романија ќе се обиде да не измами со „лажна деветка“, а во таа улога би требало да биде Денис Ман, играчот на Парма.
Со него во стартната постава на Романците би требало да бидат и голманот Флорин Ница, десниот бек Ратиу, стоперите Кирикеш и Неделчеару и левиот бек Камора во дефанзивниот дел.
Неделку, Чикалдау и Марин ќе играат во средниот ред, Станчу ќе игра десно во офанзивниот дел, а Сореску на спротивната страна, додека . Ман ќе се обиде во новата улога, како најистурен во нападот на Романците, или во улога на популарната „лажна деветка“.
Македонија веројатно ќе се спротивстави со истиот состав што го почна мечот со Исланд пред три дена, а единствена дилема на селекторот Благоја Милевски е дали Милан Ристовски да го почне мечот како и во Рејкјавик, или во стартниот состав да биде Адис Јаховиќ во улога на шпиц.
Мечот ќе се игра од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
МОЖНИ СОСТАВИ:
МАКЕДОНИЈА – Димитриевски, С.Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Спировски, Костадинов, Барди, М. Ристовски (Јаховиќ), Елмас, Чурлинов.
РОМАНИЈА: Ница, Ратиу, Кирикеш, Неделчеару, Камора, Марин, Чикалдау, Неделку, Станчу, Сореску, Ман.