Македонија повторно одигра меч без голови во Скопје, во квалификациите за Мундијалот во Катар, а вечерва против Романија ни се повтори речиси ист тек на мечот како со Ерменија пред шест дена.
Избраниците на Благија Милевски се бореа, имаа доминација во поле, сега и повеќе шанси, но гол немаше, а тие и победите се бројат за настап на Светско првенство.
Во првото полувреме најубавата шанса за Македонија ја имаше Елиф Елмас, но голамнот на Романците, Ница, беше сигурен и му го одбрани ударот од десеттина метри.
Гостите се заканија во 22-рата минута, а Сореску можеше да им донесе предност на Романците, но Столе Димитриевски реагираше одлично и со парада му го одбрани ударот.
Во вториот дел Македонија притисна уште пожестоко и преку Барди, Елмас и Јаховиќ имаше шанса и да поведе, но гостите се одбранија и освоија бод што ги остава пред нас на табелата во Ј групата.
Германија по триумфот против Исланд е на првото место со 15 бода, Ерменија има 11 по шокантните 1:1 со Лихтенштајн, а Романија е трета со 10 бода, пред Македонија со 9. Исланд има четири и е без шанси за настап на Светското првенство идната година, исто како и Лихтенштајн, кој има еден бод.
Следниот меч Македонија ќе го игра против Лихтенштајн во Вадуз на 8 октомври и потоа против Германија во Скопје на 11 октомври.