Творецот на германските ѕвезди не доби шанса кај Панцерите, ќе биде селектор на Турција

Штефан Кунц има начелен договор со Турција да биде наследникот на Шенол Ѓунеш и да ја предводи сениорската репрезентација на оваа земја.

Ѓунеш доби отказ по дебаклот од Холандија со 6:1 во Амстердам, а речиси сигурно наследник на жешката клупа ќе му биде Кунц.

Творецот на многу германски ѕвезди во последните пет-шест години имаше многу успеси со младинската селекција на Германија, но не доби шанса да биде селектор на А репрезентацијата, па на местото на Јокаим Лев дојде Ханси Флик.

Кунц беше именуван за селектор на У-21 на Панцерите во 2016 година, а под команда на познатиот поранешен фудбалер, Германија освои две шампионски круни на ЕП.

Германците предводени од 58-годишниот Кунц славеа на ЕП во Полска во 2017 година, во дебито на Македонија на големите натпреварувања. Потоа загубија во финалето од Шпанија во 2019 година, а си ја вратија европската круна ова лето, кога ја победија Португалија во финалето.

Кунц имаше и одлична фудбалска кариера и тој беше еден од предводниците за третата од вкупно четири титули во Бундеслигата на Кајзерслаутерн. Има и европска титула со Германија од 1996 година, а вкупно настапи на 25 натпревари за популарниот Елф.

 

- Оглас -

Најнови вести