Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Ханси Флик, и неговите асистенти изминативе недели можат да се забележат на голем број натпревари низ Европа.
Сето тоа е со цел да го состават најдоброто во моментов што го имаат Панцерите, за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство во Катар, против Романија на осми октомври, како и три дена подоцна против Македонија, во меч кој се игра во Скопје.
Флик присуствуваше на натпреварите на мечот од Лигата на Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Фенербахче, како и на средбите од Бундеслигата, Келн – Лајпциг и Штутгард – Баер Леверкузен.
Потоа, на неговиот ростер се и претстојните мечеви од ЛШ меѓу Борусија Дортмунд и Спортинг Лисабон, како и Баерн Минхен против Динамо Киев.
Далеку позгуснат распоред има неговиот асистент, Дани Рол, кој веќе неколку седмици е во Англија, каде што речиси секојдневно присуствува на мечеви на Челзи, Манчестер сити, Арсенал и Ливерпул, каде што настапуваат голем број на Германци.
И вториот помошник, Маркус Сорг, е со прилично густ распоред бидејќи е на релација Италија, Шпанија и Франција, во обид да дојде до што повеќе информации за формата на потенцијалните репрезентативци.
Конечниот состав за овие два натпревари, селекторскиот тим на Германија ќе го објави на 1 октомври.