Демаркус Казинс ќе игра за Санта Круз, филијала на шампионот Голден стејт вориорс во развојната лига на НБА.
Една од најголемите кошаркарски ѕвезди на планетата ќе мора да се врати во ритам по повредата на Ахиловата тетива, а камбекот за почеток е во популарната Џеј лига на НБА.
Ова е неочекувано сценарио за кошаркар што се цени со суми над сто милиони долари во НБА, иако во јули годинава потпиша скромен едногодишен договор со Голден стејт вориорс вреден само 5,3 милиони долари.
Потегот на Казинс тогаш беше донекаде и очекуван, бидејќи немаше понуди во моментот кои се во очекуваните рамки за него, па се одлучи за кусорочно решение и пат во Сан Франциско.
Сега ќе мора да се потсети на почетоците како кошаркар и да игра во Лига за таленти и кошаркари за кои нема место во НБА-тимовите.
„Ако биде со нас, ќе нема добар тренажен процес и враќањето ќе биде со побавно темпо. Екипите на НБА играат многу натпревари, а на Демаркус му треба поинтензивен ритам. Се надеваме дека во Санта Круз ќе има доволно време за да се врати во препознатливата форма“, изјави Стив Кер, тренерот на „воините“ од Сан Франциско.