Гвардиола откри како минатата сезона го победил ПСЖ, но сега се плаши од Меси

Ѕвездениот тим на Пари Сен Жермен го пречекува Манчестер сити во дербито на второто коло од Лигата на шампионите. Ова е дуел на двата најбогати клуба во светот, кои уште мечтаат за освојување на трофејот во елитното европско натпреварување.

Двата клуба последен пат беа на мегдан пред неполни шест месеци, кога одиграа два меча во полуфиналето на ланската сезона од ЛШ. Сити тогаш беше поуспешен и двапати победи. Во Париз беше 2:1 за Граѓаните, а потоа во Манчестер домаќините се радуваа со 2:0. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, вели дека тогашната тактика била да играат на контранапади, но дека сега играта на ПСЖ ќе биде поинаква затоа што во своите редови го имаат Лионел Меси.

„ПСЖ и минатата сезона имаше фантастичен тим, а сега плус го доведоа и Лионел Меси. Се надевам дека Меси ќе игра затоа што тоа ќе биде добро за фудбалот. Треба да сме компактни, сите да си помагаме на теренот и да бидеме сконцентрирани во сите 90 минути. На претходниот меч во Париз, ПСЖ беше подобар во првото полувреме, но ние добро се одбранивме и бевме опасни на контранапади. Ќе биде вистински тест за нас како ќе се снајдеме против тим кој во своите редови во нападот ги има Меси, Нејмар, Мбапе и Икарди“, рече Гвардиола.

 

 

- Оглас -

Најнови вести