Драстично ослабената Црвена ѕвезда не можеше ништо повеќе од скромен пораз од 57-61 на гостувањето кај Фенербахче во меч од првото коло на Евролигата. Кај шампионот на АБА лигата, фалее цела петорка искусни играчи кои се повредени или имаат Ковид-19, па задачата не им беше лесна.
Некогашниот српски селектор Александар Ѓорѓевиќ, по заминувањето од Виртус Болоња го презеде Фенер, и се врати во Евролигата, и тоа со дуел против клубот кој му беше лут ривал во играчките денови додека го носеше дресот на Партизан на кој во 1992 година му донесе европска титула и тоа во Истанбул, градот во кој сега работи како тренер.
За Ѕвезда играше Никола Калиниќ, крилото кое во 2017 година со Фенербахче ја освои Евролигата.
Неизвесноста изостана на другите два меча од 20 часот. Лион Вилербан го победи Жалгирис со 88-76, а Олимпијакос беше многу убедлив против Басконија, и славеше со 75-50.