Сите калкулации пред последниот ден од ЛШ во 2018 година

Со денешните дуели во Лигата на шампионите ќе се комплетираат сите 16 екипи кои ќе бидат дел од ждрепката за осминафиналето, кое ќе се игра по Нова година. Веќе се познати 15 клубови кои ќе презимат во Европа, а единствено непознато е дали Лион или Шахтар ќе останат во елитната лига на УЕФА.

Група Ф

Шахтар – Лион (21 ч.)

Манчестер сити – Хофенхајм (21 ч.)

Токму овие две екипи во меѓусебени дуели директно ќе одлучат за второто место во групата Ф, каде што Манчестер сити е лидер. Лион е втор со 7 бодови, а Шахтар досега освои 5 бода, но Украинците вечерва се домаќини на францускиот тим и со евентуална победа, ќе излезат пред нив. Калкулациите се едноставни, ако Лион успее да остане непоразен на „Олимпискиот стадион“ во Киев, ќе биде дел од осминафиналето, но ако Шахтар ги освои трите бода, Украина ќе има свој претставник во нокаут-фазата. Теоретски, Лион може да биде и прв во оваа група, но за тоа да се случи, потребно е да победи вечерва, а Манчестер сити на свој терен да загуби од Хофенхајм, кој има само теоретски шанси за освојување на второто место.

Група Е

Ајакс – Баерн Минхен (21 ч.)

Бенфика – АЕК (21 ч.)

На „Амстердам арената“ вечерва ќе играат некогашните европски прваци Ајакс и Баерн Минхен. Токму тоа се двете екипи кои продолжуваат понатаму од оваа група. Сепак, мечот е интересен бидејќи треба да одлучи кој ќе биде прв, а кој втор. Баерн има 13 бодови и досега е без пораз, а Ајакс има 11 бода досега. Доколку Холанѓаните победат, ќе успеат да избијат на чело на табелата и на тој начин да влезат во листата на носители пред ждрепката за осминафиналните парови.

Во вториот меч од оваа група, Бенфика на свој терен игра против АЕК, а без разлика на исходот, Португалците ќе продолжат во Лигата на Европа, додека за атинскиот тим тоа е крај на европската авантура за оваа сезона.

Група Г

Реал Мадрид – ЦСКА Москва (18:55 ч.)

П’лзењ – Рома (18:55 ч.)

Реал е сигурно прв, а Рома втора во оваа група. Непознато е само кој ќе продолжи во Лигата на Европа. П’лзењ и ЦСКА имаат по 4 бодови, но тимот од Чешка е во подобра позиција поради поробриот скор во меѓусебните дуели. П’лзењ дома игра со Рома и со победа сигурно останува на третото место. Доколку ЦСКА успее да изненади во Мадрид и да одигра барем реми, тогаш и П’лзењ не смее да си дозволи пораз од Рома.

Група Х

Јанг бојс – Јувентус (21 ч.)

Валенсија – Манчестер јунајтед (21 ч.)

Јувентус и Манчестер јунајтед се сигурни на првите две позиции, а Валенсија е трета. Италијанскиот првак има 12 бодови, а „црвените ѓаволи“ се со 10, па само победа на Манчестер кај Валенсија и неосвојување на трите бода на Јувентус на гости кај Јанг бојс може да направи промена на лидерското место во оваа група.

 

- Оглас -

Најнови вести