Камбек на Нојер – Првпат ќе брани против Македонија, со голови да го поздравиме капитенот на Германците

Мануел Нојер ќе се врати во стартниот состав на Германија за мечот со Македонија, задутре во Скопје, откако вчера не бранеше за Панцерите против Романија.

Капитенот на Германците има проблеми со адукторот на бутниот мускул, но ќе биде подготвен и ќе брани против нас во меч од осмото коло во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар.

„Мислам дека Нојер ќе биде фит и дека ќе брани против Македонија“, изјави Ханси Флик. Против Романија вчера во победата од 2:1 голот на Германците го чуваше Марк-Андре Тер Штеген.

Интересно е што капитенот на Германија не бранеше на првиот меч против Македонија, во март годинава кога со 2:1 го победивме големиот фаворит и приредивме огромна сензација во Дуисбург. Тогаш на голот на домаќините беше Тер Штеген.

Нојер со 106 настапи е втор по бројот на натпревари за Германија во актуелниот состав што ќе биде во конкуренција за настап против Македонија.

Пред него е само Томас Милер, стрелецот на победничкиот гол против Романија за триумф од 2:1. Милер има 108 настапи за германската национална селекција, а и тој речиси сигурно ќе биде стартер против нас во првото гостување на Германија во Македонија.

Мечот ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ празнично на 11. октомври, во понеделник од 20.45 часот.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести