Фин гест – ФФМ ги покани сите македонски фудбалери што играле во Германија за утрешниот спектакл

Фудбалската федерација на Македонија приреди убав гест за сите наши фудбалери што играле во Германија, во Бундеслигата, или Цвајта со покани да бидат на трибините за мечот со Панцерите и да го збогатат спектаклот што се очекува на првото гостување на четирикратниот светски првак во нашата земја.

Утре од 20.45 часот на националната арена во Скопје ќе се игра мечот од осмото коло во Ј групата меѓу Македонија и Германија, а ние имаме голем број на фудбалски легенди што играле во земјата со четири светски и три европски круни.

Меѓу нив се Саша Ќириќ, кој остави одличен впечаток во Нирнберг, каде е една од фудбалските икони на клубот, потоа и Драган Мутибариќ кој бранеше за Шалке 04, Николче Новески, кој беше капитен на Мајнц, Алексaндар Васоски, играч што долго го носеше дресот на Ајнтрахт Франкфурт, Тони Мицевски кој беше член на Ханза, Тенис Борусија, Енерџи Котбус, дуото од Штутгарт Митко Стојковски и Срѓан Захариевски.

Меѓу поканетите е и Дарко Панчев најдобриот македонски играч на минатиот век, кој во еден дел од кариерата настапуваше за Фортуна Диселдорф.

На терен ќе биде нашиот „Германец“ Дарко Чурлинов кој како позајмен играч од Штутгарт игра во Шалке 04, па очекуваме од германската врска на трибините и на терен да се радуваат по мечот со гигантот.

Во март годинава во Дуисбург, Македонија приреди спектакуларен подвиг со победа од 2:1 против Германија, па сега ќе го играме вториот меч против еден од великаните на светскиот фудбал.

Германија за првпат ќе гостува во Македонија, а ја има позицијата со број 1 на табелата во Ј групата. Тие се лидери со 18 бода, пред нашата репрезентација и Ерменија со по 12 по 7 одиграни кола.

 

 

- Оглас -

Најнови вести