Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, во разговор со првиот човек на Асоцијацијата на европски клубови (ЕКА) подготвуваат нови револуционерни промени во Лигата на шампионите. Според најавите, можно е повторно да има промена на термините на одигрување на средбите. Се најавува дека натпревари од Лигата на шампионите би имало и за време на викендите, и тоа во сосема различен термин од сегашниот.
Оваа сезона за првпат времето на започнување на дуелите во ЛШ е 18:55 часот и 21 часот, но деновите останаа вторник и среда. Тоа е време кое воопшто не им одговара на фановите во Кина. Кога дуелите започнуваат во 21 часот, во Кина тогаш е 4 часот наутро, што значи дека тој огромен пазар практично е загубен.
Истражувањата покажале дека статистички мечевите кои се играат во вечерните термини за време на викендите во сабота и недела се многу погледани од средбите кои се закажуваат во деновите од средината на неделата. Доколку се случи таа промена, во тој случај дуелите од домашните првенства ќе треба многу почесто да се играат во средината на неделата, а викендите да бидат резефвирани за мечевите на УЕФА.
Дури се разговарало и за промена на форматот на играње. Бројот на екипи во групната фаза би останал 32, но наместо сегашните осум групи со по четири екипи, би имало четири групи со по осум клубови. На тој начин секој клуб кој ќе се избори за место во групната фаза, ќе има загарантирани 14 дуели, а не како што е досега, по шест меча.
Ова засега е само идеја, а останува времето да покаже дали ќе успее да се реализира.