Вечерашните натпревари од Лигата на Европа за 19 тима ќе значат обезбедување место во следната фаза. Сигурни патници понатаму се: Арсенал, Баер Леверкузен, Челзи, Динамо Загреб, Динамо Киев, Ајнтрахт, Фенербахче, Лацио, Бетис, Салцбург, Спортинг Лисабон, Зенит и Цирих. Меѓу елиминираните е АЕК Ларнака на Тричковски и Мојсов.
Напролет во Лигата на Европа ќе играат и осум тима кои испаднаа од ЛШ како трети во своите групи, а тоа се: Бриж, Интер, Наполи, Галатасарај, Бенфика, Шахтар, Викторија П“лзењ и Валенсија.
Во групата А, Цирих и Баер гостуваат на Балканот, а Германците имаат еден бод предност и тоа им е голем плус. Ако завршат со еднаков број бодови, Леверкузен е прв. Во група Б, Салцбург е прв, а на Селтик за второ место му треба барем бод или Лајпциг да не победи. Во групата Ц, Зенит чека да види кој ќе му прави друштво понатаму. Славија Прага е на „пол-позиција“, а ако Чесите загубат, тогаш втор ќе биде победникот од дуелот Копенхаген – Бордо.
Во групата Д нема неизвесност, тимовите на Аријан Адеми (Динамо Загреб) и Елиф Елмас (Фенербахче) одат понатаму, како и во групата Е, каде што Арсенал на голманот Дени Илиев и Спортинг на Стефан Ристовски се најдобри.
Во групата Ф, Бетис оди понатаму, но дали како прв или втор? Олимпијакос има шанса да го елиминира Милан ако го победи со 2-0, 3-1 или барем со разлика од три гола. На Милан му треба бод или пораз со разлика од еден гол, но ако „росонерите“ победат во Атина, може да бидат и први доколку Бетис не победи против Дуделанж.
Неизвесно е во групата Г, каде што сите имаат шанса. Спартак Москва и Ренџерс мора да победат, а на Вилјареал и Рапид им врши работа и реми. Во групата Х, Ајнтрахт и Лацио се убедливо најдобри, а во групата И, Малме и Сарпсборг немаат друг избор освен победа. Генк и Бешикташ ќе се борат за првата позиција, но може и да испаднат доколку загубат.
Во група Ј, Севилја дома против Краснодар си ја решава судбината, а најмногу со математика се занимава Стандард, кој мора да победи на гости кај Акхисар и да чека кикс на Севилја или победа на Севилја над Краснодар од 4-0 или поубедливо. Во група К, Рен ја пречекува Астана во директна борба за втората позиција. На Французите им треба победа, на Казахстанците доволно им е реми.
Во групата Л, дојде денот Д за Бобан Николов и МОЛ Види. Унгарците играат дома со Челзи и треба да остварат подобар резултат од тој на БАТЕ Борисов на гостувањето кај ПАОК. И солунските „црно-бели“ имаат теорија, а тоа е да го победат БАТЕ и да чекаат пораз на МОЛ Види.