Том Брејди, живата легенда во НФЛ-лигата, ноќеска стана првиот играч во историјата со 600 или повеќе тачдауни во победата на Тампа беј против Чикаго со 38:3, а по мечот приреди гест што изгледа скромен, но е за восхит.
Брејди го забележа момчето на трибините со транспарент со исклучително важна порака и веднаш реагираше. Момчето, за среќа, успешно се избори со тешка болест, имаше рак на мозокот, а токму Брејди е еден од спортистите што му помогна во тешката битка за живот.
„Том Брејди ми помогна да го победам ракот на мозокот“, пишуваше на транспарентот, а Брејди повторно реагираше како великан на спортот и дојде до момчето и му подари капа.
Тие моменти беа многу емотивни при повторната средба на Брејди и неговиот миленик на трибините, па момчето се расплака.
„Ова се неверојатно убави моменти. Тоа момче е силно, се бореше како лав. Ваквите работи ми ги отвораат очите и кога ќе ги видиш, јасно ти е дека тоа што го правиме на теренот е потполно небитно со тоа што луѓето го поминуваат во своите животи. Секогаш ќе бидам тука за да помагам“, рече Брејди.
Тој е познат по хуманитарните акции со кои им помага на луѓето што се во ваква или слични ситуации како момчето кое успеа да ја прегрми и победи тешката болест.
More than a game ♥️ pic.twitter.com/8sWRqneTzm
— Tampa Bay Buccaneers (@Buccaneers) October 24, 2021