Реал Мадрид и Барселона ќе ги врстат копјата во нов спектакл на Ел Класико. Дваесетина дена откако се пресметаа во шпанскиот шампионат, лутите ривали сега ќе се надигруваат во европски размери, дуел што ќе го одбележи 12-тото коло во Евролигата.
Средбата во Мадрид ќе биде 29-та која ќе се одигра во рамките на контитенталното натпреварување, а вкупно 292 пати досега Реал и Барса воделе битка за престижна победа. „Каталонците“ го совладаа европскиот првак во дербито во Шпанија, кое се одигра на 25-ти ноември, со конечни 86:69, а вечерва ќе се види дали „кралевите“ ја научиле лекцијата.
Малиот пад во формата на Реал ги чинеше губење на првото место во Евролигата. Имаа три порази во низа во сите конкуренции кон крајот на ноември, но кошаркарите брзо го најдоа својот ритам, а настрадаа Анадолу Ефес и Гран Канарија на последните два меча кои ги играа „кралевите“.
„Мора да имаме одговор на секоја закана од Барселона. Тимот поседува голем број квалитетни играчи, кои можат да наштетат на повеќе начини, а ние мора да биде подготвени на тоа. Мечевите против Барса секогаш се посебни, тоа е магијата на Ел Класико, но,на крајот на денот, ова е само еден од многуте средби кои ќе ги играме во Евролигата. Целта е јасна, само победа е тоа што нас нѐ засега“, истакна тренерот на Реал, Пабло Ласо.
По поразот од Фенербахче, Барса настрада и од јадранскиот првак Будуќност, па ќе си имаат големи проблеми ако и по трет меч во низа претрпат разочарување во Евролигата.
„Реал има играчи кои без проблем можат да играат во НБА. Секој меч со нив е важен, без разлика во кое натпреварување се игра, но предизвикот е посебен кога се игра во Евролигата. Затоа се потребни посебни подготовки за оваа пресметка. Играчите мора да се покажат во најдобро светло. Треба да веруваме во својот квалитет и да влеземе во мечот максимално сконцентрирани. Контролата под обрачите и одбраната ќе бидат клучни сегменти“, изјави тренерот на Барса, Светислав Пешиќ.
Дербито е закажано за 21 часот, како последен меч од првиот дел од 12-тото коло. Претходно се играат уште четири средби, а посебно интересен ќе биде дуелот меѓу ЦСКА Москва и Химки, градското дерби во руската престолнина (18 часот).
Олимпијакос го пречекува Анадолу Ефес во 17:45 часот, во 19:30 часот играат Фенербахче и Армани Милано, додека Макаби против Басконија започнува во 20:05 часот.