Натпреварот од осминафиналето во фудбалскиот Куп на Романија помеѓу Глорија Бузау и Дунареја Калараши, кој заврши со победа на домашните од 3-0, се најде во центарот на вниманието во Романија, па и пошироко, откако се појави снимка од третиот гол.
Играчот на гостите, 21-годишниот Мариус Лека, како да не сакаше да ја исфрли топката од гол-линија, иако лесно можеше да го направи тоа, и наместо да ја шутне, тој ја прескокна топката и дозволи таа да влезе во голот.
Голот предизвика сомнежи околу регуларноста на мечот. Лека даде изјава за романските медиуми во која се колне дека не дозволил намерно топката да влезе во гол.
„Кога го видов голот на телевизија, навистина делува грозно. Долу на терен, не изгледаше така, најлошо беше како паднав во мрежата. Сакав да ја исфрлам топката, но во тие моменти на паника, се сопнав. Никој во тимот не ме обвинуваше за голот. Се колнам дека не играм никакви нечисти игри. Веднаш би прекинал со играње фудбал ако некој докаже дека сум местач“ – вели Лека.