Реал Мадрид ја декласира Барселона со разлика од 27 поени и славеше со 92:65 во кошаркарското Ел Класико во Евролигата.
Актуелниот европски првак беше супериорен, а мечот беше решен само по 20 минути игра. Домаќините водеа со 53:30 на полувремето, а до крајот разликата порасна уште за четири поени, што е дебакл за Барселона.
Треј Томпкинс беше најефикасен на мечот со 17 поени, а Ентони Рендолф постигна 16 поени и успеа и да ја мине магичната граница од илјада поени во Евролигата.
Кај Барселона, светла точка беше Томас Уертел со 16 поени.
Во останатите мечеви што се одиграа денеска, Олимпијакос го победи Ефес со 88:81, ЦСКА го доби руското дерби против Химки со 88:74, Фенербахче беше подобар од Милано со 92:85, а единствената победа на гостински терен ја забележа Басконија против Макаби во Тел Авив со 81:79.