МЗТ Скопје Аеродром дојде до 66-тата победа во 157-миот меѓусебен дуел против најлутиот ривал Работнички, а победата од 87-66 во „Јане Сандански“ можеше да биде и поубедлива ако не дојдеше до опуштање во финишот. Најубедливиот триумф на МЗТ во скопските дербија е 36 поени разлика, во еден момент вечерва МЗТ имаше и таков плус, но момците во црвени дресови ја ублажија катастрофата.
Кај МЗТ, двоцифрен број поени имаа Крстевски (18), Робев (16) и Милошевиќ (14), а кај Работнички најефикасен беше Џексон со 14 поени.
На овој меч, двата тима шутираа очајно од далечина. Металците погодија само 4 тројки од 25 обиди (16 проценти реализација), а Работнички беше уште полош во овој елемент, имаше само три тројки од 23 шута за тројка, што е само 13 отсто прецизност.