Борче Христов е замената за Александар Влахо на кормилото на Работнички и денеска и официјално беше претставен од клубот што има четири шампионски титули и заедно со Шкендија се на делба на второто место на вечната листа, зад 11-кратниот македонски првак Вардар.
Христов до неодамна беше тренер на Борец Велес и доби отказ, но брзо најде нов клуб, исто така во Првата македонска фудбалска лига.
„Сакам да му се заблагодарам за довербата на раководството на клубот. Работнички е голем предизвик за мене. Можам да ветам напорна работа со тим што поседува голем потенцијал, млади и талентирани фудбалери и ќе се потрудиме да го развиваме во вистинска насока“, изјави новиот шеф на стручниот штаб на Работнички.
Романтичарите се во криза со четири порази на последните пет првенствени натпревари, а во тој циклус беа и елиминирани од Купот на Македонија од Пелистер.
Моментно со 18 бода се на седмата позиција во Првата лига во конкуренција на 12 клуба.
„Му посакуваме топло добредојде на Борче Христов на тренерската функција. Веруваме дека со неговото долгогодишно искуство ќе воведе новитети во работата со тимот и Работнички ќе се движи во позитивна насока. Сите заедно сме во функција на светла иднина на клубот“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.
Прв предизвик како тренер на Работнички за Христов ќе биде гостувањето во Струга на 21 ноември, во меч од 14-тото коло во ПМФЛ.