Некогашната тениска ѕвезда, а сега аналитичар на „Еуроспорт“, шведската легенда Матс Виландер, не очекувал дека Новак Ѓоковиќ ќе го освои Мастерсот во Париз, и за човекот кој често го критикува, сега вели дека е суперчовек.
Виландер е воодушевен од психичката сила на Новак, кој иако загуби убедливо од Медведев во финалето на САД опен кога испушти шанса да испише историја во машкиот тенис, само неколку месеци подоцна немаше проблем во Париз да слави против истиот противник.
„Мислев дека Новак нема да биде истиот играч после САД опен. Има 34 години, загуби финале на таков начин. Мене би ме уништило таков пораз, би било уништена мојата самодоверба, а верувам и на Мекинро или Борг. Тоа би скршило многумина, но не и Ѓоковиќ. Тој навистина е суперчовек“ – изјави Виландер кој додаде дека во сала на тврда подлога, Ѓоковиќ без дилеми е најдобар во историјата на тенисот.
Србинот е на завршниот турнир во Торино, каде прв противник му е Руд, а во неговата група се и Циципас и Рубљов.