Турција убедливо со 6:0 го победи Гибралтар во меч на кој се очекуваше домаќините да немаат милост против најслабата селекција во групата. Турците мораа да атакуваат па покрај трите бода, мораа и да ја подобрат гол разликата во што и успеаа.
По три гола во двете полувремиња постигнаа на стадионот во Истанбул. Дополнително олеснување за Турците беше и црвениот картон што го доби играчот на Гибралтар, Оливеро по само 22 минути игра.
Освен убедливата победа, Турците добија подарок и од дуелот Норвешка – Летонија. Домаќините беа големи фаворити против отпишаната Летонија, но не победија. Дуелот кој се играше повеќе од 100 минути (со судиските продолжувања), заврши без голови.
По овој кикс, Норвешка го испушти второто место во групата, на кое сега е Турција. Двете селекции имаат по 18 бодови, но Турците сега имаат подобра гол разлика. Турците имаат преднсот на хартија и по противникот кој го имаат во последното коло.
Турците ќе гостуваат кај Црна Гора, додека Норвешка игра кај лидерот во групата Холандија. Токму Холандија вечерва на гости кај Црна Гора има шанса со победа да го обезбеди првото место во групата, а со тоа и пласманот на Светското првенство во Катар.