Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора и легенда на светскиот фудбал, Дејан Савичевиќ, упати честитка до ФФМ за пласманот во баражот за СП 2022.
„Почитуван претседателе Сејдини,
Во свое и во име на ФС на Црна Гора ја користам оваа прилика вам, на селекторот Милевски, на играчите, на членовите на стручниот штаб, на вработените во ФФМ и на сите навивачи на фудбалската репрезентација да ви го честитам пласманот во баражот за Светското првенство кое во 2022 ќе се одржи во Катар.
Македонија уште еднаш покажа дека со упорна и одговорна работа, малите земји може да направат големи резултати и рамноправно да се борат со великаните на европскиот фудбал за учество на големо натпреварување.
Сигурен сум дека Вашиот национален тим ќе знае да ги искористи искуствата стекнати во баражот за ЕП 2020 и од учеството во него, во намерата да направи уште еден историски успех и да се пласира на финалниот турнир на СП.
Ви посакувам многу среќа во баражот и пласман на Мундијалот во Катар и уверен сум дека сите во Црна Гора од срце ќе навиваат за Македонија на мартовските натпревари“, напиша Савичевиќ во честитката.