Светскиот кошаркарски првак во Скопје може да се гледа за 200 денари

Кошаркарската федерација на Македонија ги информираше љубителите на спортот дека од денеска почнува продажбата на билети за кошаркарскиот спектакл кој ќе се одржи на 26 ноември во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а тоа е пресметката на македонската машка репрезентација и Шпанија од квалификациите за СП 2023.

За првпат во својата историја, македонската сениорска машка репрезентација пред себе ќе има актуелен светски шампион. Црвената фурија за првпат ќе ни гостува во Скопје. Иако некомплетна, без најголемите ѕвезди кои играат во НБА и Евролигата, Шпанците во Скопје ќе допатуваат со респектабилен состав во кој има пет соиграчи на Ненад Димитријевиќ од Валенсија.

Мечот се игра следниот петок од 19.30 часот, а продажбата на влезниците ќе се одвива онлајн и на продажните места на „МКТикетс“ низ Македонија.

- Оглас -

Најнови вести