Голден Стејт славеше на гостувањето во Сакраменто со 130:125, во мечот со најмногу поени утрово во НБА лигата. Домаќините одлично му парираа на шампионот, но кога беше најпотребно, главните ѕвезди на „воините“ не грешеа. Клеј Томпсон погоди тројка на 38 секунди до крајот, а Стеф Кари ги даде сите четири слободни фрлања во завршницата и на крајот Голден Стејт не дозволи изненадување.
На крајот, Кари заврши со 35 поени, седум скока и шест асистенции, Томпсон додаде 27 поени и девет скока, а Кевин Дурант имаше 33 поени, осум скока и осум асистенции. Кога ударното трио на „воините“ е со ваков ефект, противникот нема шанса да се надева на победа.
Бостон покажува дека е во одлична форма и стигна до осмата победа во низа. Селтикси немаа никакви проблеми и со убедливи 129:108 ја победија Атланта. Њујорк направи подвиг и во последната четвртина успеа да анулира дури 16 поени предност на Шарлот. На крајот, мечот заврши нерешено, а во дополнителните пет минути, психолошката предност беше на страната на гостите и стигнаа до победа.
Никола Јокиќ се претвора во еден од најдобрите играчи во НБА. Србинот блескаше во победата на Денвер против Оклахома. На крајот, зад неговото име стоеја бројките од 24 поени, 15 скока и девет асистенции, што значи дека му недостасуваше само една асистенција за да има трипл-дабл.
Резултати: Бостон – Атланта 129:108, Шарлот – Њујорк 124:126 (по прод.), Бруклин – Вашингтон 125:118, Кливленд – Милвоки 102:114, Филаделфија – Индијана 101:113, Мемфис – Мајами 97:100, Денвер – Оклахома 109:98, Портланд – Торонто 128:122, Сакраменто – Голден Стејт 125:130.