Македонската кошаркарска репрезентација ги започнува квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година, а прв ривал е актуелниот планетарен владетел, Шпанија. Дуелот ќе се игра во салата „Јане Сандански“ од 19:30 часот.
Македонија досега има одиграно шест меча против Црвената фурија и сите ги има загубено. Пет се пријателски дуели, а само еден е официјален и тој е историски. Се играше на Европското првенство во Литванија, и тоа во полуфиналето, кога Шпанија се намачи, но победи со 92:80.
Во петте пријателски средби, Шпанија има три победи со над 20 разлика, а двапати имаме загубено со едноцифрена негатива. Вечерва, Шпанците ќе бидат без своите најдобри кошаркари, но и покрај тоа, тие се апсолутни фаворити за победа.
Нашите репрезентативци ја знаат силата на денешниот противник, но никој не сака предвреме да се предаде.
„Ќе излеземе на теренот и со максимално ангажирана и борбена игра ќе се обидеме да ги исполниме задачите на селекторот и да се покажеме во најдобро светло. Секоја чест за Шпанија, но ние нема однапред да се предадеме“, рече Бојан Крстевски, кој на овој меч ќе дебитира како капитен на националниот тим.
Шпанците се без НБА-играчите, но и без кошаркарите коишто играат во Барселона, Реал Мадрид и останатите евролигаши. Капитен на гостите ќе биде искусниот плејмејкер Кино Колом, кој вели дека нема да го потценат противникот.
„Сите ривали се многу опасни. Треба да бидеме внимателни. Ова е можност уште еднаш да им покажеме на сите дека има многу добри шпански кошаркари, односно дека националниот производ е квалитетен и дека тие можат да помогнат во репрезентативниот тим“, рече Колом.
ИСТОРИЈАТ НА ДУЕЛИТЕ: ШПАНИЈА-МАКЕДОНИЈА
Пријателски, 1999 – Фуенлабрада: Шпанија – Македонија 74:66
Евробаскет, 2011 – Каунас: Шпанија – Македонија 92:80
Пријателски, 2013 – Сантијаго де Компостела: Шпанија – Македонија 66:61
Пријателски, 2013 – Леон: Шпанија – Македонија 77:55
Пријателски, 2015 – Мадрид: Шпанија – Македонија 94:63
Пријателски, 2015 – Логроњо: Шпанија – Македонија 88:54