Се обидовме да се надигруваме со Барселона, но големата разлика меѓу нас и гостите беше што тие го имаа Меси. Сакавме да постигнеме барем еден гол, но тој ни ја уби желбата за фудбал, вели капитенот на Леванте, Хозе Моралес.
Аргентинскиот ас одигра брилијантен меч со хет-трик и две асистенции, па на крајот Леванте мораше да се помири со тежок пораз од 0-5.
„Не можевме да му се спротивставиме, иако се обидовме со сите сили. Не се откажавме, но немате ниту многу решенија на располагање против таков играч“, додаде Моралес.
За Меси тоа е 49-ти хет-трик во кариерата, тој е единствениот фудбалер со 50 голови во 2018 година, а 50 или повеќе погодоци постигнува во осум од последните девет сезони.
На „Сиудад де Валенсија“ лани не играше против Леванте и тогаш Барселона го претрпе единствениот пораз во Ла Лига, со 4-5, но вчера беше во препознатлив стил и речиси сам го декласира клубот од Валенсија.