Навивачите на Ливерпул речиси три децении чекаат да се израдуваат на титулата во англиското првенство. Откако е формирана Премиер лигата, Ливерпул нема ниту една титула, но многу фанови на „црвените“ веруваат дека оваа сезона е дојдено времето да се стави крај на „сушата“.
По 17 одиграни кола, Ливерпул е лидер во првенството и има 45 поени. Со 14 победи и три нерешени, тоа е единствениот тим без пораз. Во вчерашното дерби против Манчестер јунајтед, Ливерпул одигра одлично и на крајот тоа беше наградено со победа од 3-1. За разлика од сега, минатата сезона во истиот период, Ливерпул имаше освоено 14 поени помалку.
Овој триумф имаше двојно значење за Ливерпул. Тимот стигна до 18 меча без победа (се брои и дуелот од последното коло од минатата сезона). Тоа е продолжување на најдолгата серија без пораз во последните 28 години. Во 1990 година, Ливерпул имаше низа од 23 дуели без пораз. Токму таа година е последна запишана како златна за Ливерпул бидејќи стана шампион. Ако продолжи Ливерпул сезонава во ист ритам, може да се повтори 1990 година.
Задоволство по триумфот над Манчестер имаше и кај тренерот Јирген Клоп. Германскиот стратег за првпат беше подобар од „црвените ѓаволи“, а со тоа комплетираше победи против сите 26 премиерлигаши против кои го водел Ливерпул откако е дојден на „Енфилд роуд“. Клоп засега не сака да зборува за освојување на титулата.
„Ниедна секунда не размислуваме за титулата. Го победивме Манчестер и докажавме дека имаме квалитет, но тоа е само еден меч“, рече Клоп.