Некогашниот српски кошаркар, Драган Лабовиќ, кој во сезоната 2016/2017 беше еден од најдобрите играчи на Карпош Соколи со кој го освои Купот на Македонија и имаше одлични настапи во регионалната АБА лига, денеска бил уапсен во Белград.
Според српските медиуми, некогашниот голем талент на српската кошарка и екс репрезентативец на нашиот северен сосед, претепал таксист, а потоа му го земал возилото и парите, и заминал во една градинка, каде истотака работела неговата мајка.
Лабовиќ влегол во таксито со неговата сестра, и седнал напред, на совозачкото седиште. Таксистот кој имал 57 години, му рекол дека не смее таму да седне, и поради епидемиолошките мерки, мора да се префрли позади. Тогаш Лабовиќ збеснал, и со тупаници му се нафрлил на таксистот, а и сестрата излегла од автомобилот.
Полицијата го привела екс кошаркарот кој во минатото наводно бил и на лечење во психијатриска установа. Лабовиќ е обвинет за кражба на пари и возило, како и за насилно однесување.