Кога се работи за обложувалниците, постојат многу муабети како тоа само за еден меч некој ќе добиел голема сума пари. Сепак, тоа што му се случило на еден обложувач во Хрватска, навистина е за неверување.
Во градот Имотски уште минатиот понеделник било уплатено ливче за цела недела на кое имало дури 35 парови. Уплатата била за 10 хрватски куни (приближно едно и пол евро), а добивката изнесувала 444.031 куни односно речиси 60.000 евра.
На неверојатното ливче најголем бил коефициентот на победа над Динамо против Хајдук (1.50), додека сите останати имале помал коефициент. Последен меч бил синоќешниот дуел на Леванте и Барселона, кој го доби каталонскиот гигант со убедливи 5-0.
Откако станало јасно дека ја погодил и победата на Барселона против Леванте, на ливчето останал само еден незаокружен пар. Поразот на Реал Мадрид од ЦСКА Москва на „Сантијаго Бернабеу“ е причината за неосвоените 60.000 евра. Кралскиот клуб веќе беше сигурен на првото место во групната фаза од Лигата на шампиони, па мечот против ЦСКА му беше неважен.
Очекувано беше Реал да победи, и тоа на коефициент 1,23, но тоа не се случи. ЦСКА му го нанесе најголемиот пораз на мадридскиот гигант на свој терен во Европа (3-0), но што е поважно, донесе очај кај хрватскиот типувач, кој остана без посакуваните 60.000 евра.