Германците и Англичаните првпат во троен дуел, Меси му се радува на Лион

Ждрепката за осминафиналето од Лигата на шампионите донесе дури три англиско-германски двобои и ова е првпат во историјата да има три соочувања во иста фаза помеѓу клубови од овие две земји кои се големи фудбалски ривали.

Иако заедно имаат 10 титули европски прваци, Баерн првпат ќе игра со Ливерпул во ЛШ. Баерн имал соочувања против Јирген Клоп додека тој ја водеше Борусија, има позитивна традиција со англиските тимови, пред сè, со Арсенал, но сега ќе има тешка задача против европскиот вицепрвак, иако реваншот ќе го игра дома. Дресот на Баерн го носат Роберт Левандовски и Матс Хумелс, кои играа за Борусија кога тренер беше Клоп.

Манчестер сити го доби Шалке, што значи враќање за Лерој Сане на стадионот каде што ја почна сениорската кариера. Сане од 2014 до 2016 година има дадено 11 гола во дресот на Шалке. Сити го има победено Шалке во 1970 година, кога го освои својот единствен европски трофеј, тогаш во Купот на победниците на куповите.

Тотенхем и Борусија Дортмунд лани беа во иста група во ЛШ, англискиот тим беше поуспешен во двете пресметки, а петте гола беа дело на Хари Кејн и Кореецот Сон.

Од англиските тимови, само Манчестер јунајтед не доби германски ривал. „Ѓаволите“ одат на непозната територија, бидејќи никогаш претходно не играле против Пари Сен Жермен.

Интересен куриозитет е поврзан за Барселона и Лион. Лионел Меси својот прв гол од пенал во Лигата на шампионите го има постигнато токму против Лион. Тоа се случи во ноември 2007 година, на стадионот „Жерлан“ во Лион. Овие два тима меѓусебе играле шест пати и Лион никогаш не победил.

Освојување на прво место во групата не му донесе некоја среќа и лесен ривал на Јувентус, но тимот од Торино сега во своите редови го има Кристијано Роналдо, кој против Атлетико Мадрид има дадено 22 гола во кариерата, а и последниот европски хет-трик му беше против „јорганџиите“.

Актуелниот првак Реал Мадрид ги има добиено последните шест соочувања со Ајакс, но во единствениот случај кога овие тимови играа елиминации, во 1973 година, понатаму се пласираше холандскиот гигант, тогаш предводен од Јохан Кројф.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести