Фудбалската репрезентација на Македонија на утрешната ждрепка ќе ги добие противниците за новата сезона во Лигата на нациите. Нашиот национален тим ќе игра во Лига Ц, а противници не можат да ни бидат Грција, Белорусија и Луксембург, кои како и нас, се во вториот шешир од Сегментот Ц.
Од првиот шешир, каде што се фаворитите, тимови кои испаднаа од Б во Лига Ц, можни противници ни се Турција, Словачка, Бугарија и Северна Ирска.
Во третиот шешир се Литванија, Грузија, Азербејџан и Косово, додека во последниот и најслаб по квалитет се Казахстан или Молдавија (треба да играат плејаут по што ќе се знае кој од нив), Кипар или Естонија (исто така ќе решаваат во плејаут), Гибралтар и Фарски Острови. Првото место носи напредување во Лига Б.
Според планираниот распоред, мечевите ќе се играат во шест кола, четири во јуни и два во септември идната година, а финалните дуели ќе се играат во јуни 2023 година. Уште не е одлучено дали и како победниците од лигите во Лигата на нациите ќе се пласираат на ЕП 2024.