Светската фудбалска федерација, ФИФА, брзо реагираше по најавите дека е можно десетте јужноамерикански репрезентации од 2024 година да играат во европската Лига на нации.
Во ФИФА велат дека тоа е тешко изводливо бидејќи во иднина светските првенства ќе се играат на две години, а не на секои четири како досега.
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, тврди дека има мнозинство за гласањето во март и од 211 фудбалски асоцијации низ светот, дури 165 сакаат да има СП на секои две години. Против овој предлог се најголемиот дел од европските и јужноамериканските земји, кои се и најквалитетни.
ФИФА планира на СП во 2026 година во САД, Мексико и Канада да има нов формат со 48 тима, и тоа во првата фаза селекциите ќе бидат поделени во 16 групи по три тима. Квалификации за СП би се играле само во март и октомври, а проценката е дека финансиските добивки би биле повеќекратни, и тоа не само за ФИФА, туку и за многу држави и би се намалила невработеноста на глобално ниво.