Три меча од кошаркарската Евролига ќе се играат денеска, а уште три се закажани за утре. Еден од најинтересните мечеви ќе биде тој во Истанбул, каде што актуелниот првак Анадолу Ефес ја пречекува Црвена ѕвезда.
Ова е дуел за борба во Топ 8 на табелата. Ефес моментно е на последната осма позиција за Топ 8 фазата со скор од 8 победи и осум порази, додека Црвена ѕвезда е со биланс од седум победи и девет порази.
„Ефес е првак на Европа и има мали измени во составот од лани. Во добра форма се, имаат квалитетен тим и секако дека пред нас е еден тежок меч. Ние треба да одиграме најдобро што можеме во одбраната и нападот ако сакаме да се радуваме“, рече тренерот на Црвена ѕвезда, Дејан Радоњиќ.
Традицијата е на страната на турскиот тим затоа што од последните 13 меѓусебни дуели, Ефес се радувал дури 11 пати, а актуелниот еврпски првак има и низа од пет победи по ред против Црвено-белите. Сепак, тренерот на домаќините, Ергин Атаман, знае дека мора да бидат внимателни.
„Црвена ѕвезда е тим кој одлично се брани и никогаш не се откажува. Ќе биде тежок меч и не треба да заборавиме дека имаат само една победа помалку од нас“, вели тренерот на Анадолу Ефес, Ергин Атаман.