Бруклин нетс успеа да победи на гости во „Стејплс центарот“ против Лос Анџелес лејекрс, со 122:115, во еден од петте меча кои се играа во НБА лигата.
Гостите одлично започнаа и уште по првата четвртина имаа голема предност од 38:23. Лејкерси не се предадоа и на почетокот на третата четвртина, домаќините стигнаа и до водство 70:68, но тоа како да беше аларм за повторно будење на Мрежичките.
Неверојатно делува серијата на гостите од 34:12, па во пресрет на последната четвртина, гостите водеа со 102:82. Да биде вистинско божиќно шоу се погрижија Лејкерси, па во завршницата на мечот беше нерешено 115:115. Токму кога домаќините требаше да го зададат последниот удар за чудо и неверојатна победа, тие застанаа.
Во финишот, Бруклин со серија од 7:0 не дозволи да ја прокоцка големата предност и на крајот гостите се радуваа со 122:115. Шоу на теренот направија најголемите ѕвезди на двата тима. Џејмс Харден беше предводник на победничкиот тим со трипл-дабл од 36 поени, 10 скока и 10 асистенции.
Најпрецизен на теренот беше Леброн Џејмс со 39 поени, 9 скока и седум асистенции, но и покрај блескавата игра на Кралот, Лејкерси не стигнаа до победа. За тимот од ЛА ова беше 18-ти пораз во 34 натпревар сезонава, додека Бруклин стигна до 22 победа во 31 меч.
Јута џез на свој терен славеше против Далас со 120:116, а во дербито на денот, Голден Стејт со 116:107 победи на теренот на Феникс санс. Стеф Кари со 33 поени беше предводник на Воините, кои сега се тимот со најдобар биланс во лигата и имаат 27 победи и само шест порази. За Сонцата ова беше само шести пораз, а имаат и 26 триумфи.
Милвоки со пресврт стигна до победа над Бостон од 117:113, а Њујорк ја победи Атланта со 101:87.