Само неколку часа пред почетокот на закажаниот дуел меѓу Партизан и Мега Баскет во рамките од 13-тото коло на регионалната АБА-лига, беше донесена одлука дуелот да не се игра во предвидениот термин.
Причина за одложувањето на средбата е зголемениот број заразени кошаркари и членови на стручниот штаб во редовите на Мега. Првично, четворица кошаркари и еден член на стручниот штаб беа позитивни на корона-вирусот, а потоа во повтореното тестирање, позитивни резултати добија уште еден кошаркар и уште еден член на стручниот тим.
Поради тоа, од Мега побараа одложување на средбата, а челниците на АБА-лигата тоа го одобрија. Партизан беше голем фаворит за победа, но наместо вечерва лесно да ја заврши работата, сега ќе мора да се бара нов поволен термин за одигрување на овој дуел.