Времето го „прегази“ Мурињо со неговите тактики

Жозе Мурињо остана без работа, но се наполни со пари. Португалецот ќе добие помеѓу 15 и 24 милиони евра отпремнина од Манчестер јунајтед за предвреме раскинатиот договор. Затоа, кога се работи за финансискиот дел, за Мурињо нема проблем. Сепак, дали овој отказ на Мурињо значи крај и на една голема тренерска кариера? Ќе има ли светски познат клуб кој ќе сака да го доведе во своите редови Португалецот?

Речиси една и пол деценија Мурињо е во фокусот на светскиот фудбал. Неговото име брзо се прочу по изненадувачкото освојување на титулата во Лигата на шампионите со Порто во 2004 година. Тоа беше најава за голем број европски гиганти да го сакаат на својата клупа. Челзи успеа во таа намера.

Во Челзи, Мурињо продолжи со успесите. По половина век, успеа да го однесе лондонскиот тим до титула во првенството. Следната година го повтори тој успех. По заминувањето од Челзи, негова следна дестинација беше Интер.

Човекот кој најголемата карактеристика му беше самоувереноста и тврдоглавоста, во Интер го достигна врвот. Со „нераѕурите“ во 2010 година освои тројна круна. Интер стана италијански, европски и светски првак. Потоа замина во Реал Мадрид, каде што се радуваше на титула во Примера дивисион, но не можеше да го следи ритамот на Барселона во тоа време. Од Реал, повторно се врати во Челзи, повторно стана првак на Англија, а најголемиот успех со Манчестер јунајтед му е освојувањето на Лигата на Европа.

Сепак, како што поминуваа годините, трендовите во фудбалот се менуваа, а Португалецот тврдоглаво одби да ги следи новитетите. Токму затоа играта на Мурињо стана досадна, неатрактивна и едноставно нефункционална кога се работи за трка за трофеи. Тренери како Клоп, Гвардиола, Покетино, Емери, Тухел едноставно ја „прегазија“ филозофијата и тактиката на Мурињо.

Едноставно, тимовите на Мурињо кога играа со екипи од „новиот бран“ тренери, делуваа инфериорно. Сити и Ливерпул играат толку офанзивен фудбал, што не постои „бункер“ што нема да може да го срушат. Мурињо последен пат тоа го почувствува пред неколку дена, кога на последниот меч како предводник на Манчестер јунајтед, едноставно не можеше да ги спречи налетите на играчите на Ливерпул.

Мурињо остана без клуб и најверојатно до крајот на сезоната ќе мирува. Но, што потоа? Дали ќе се најде голем клуб што ќе го земе на својата клупа. Во Англија нема да има место, бидејќи Ливерпул, Челзи, Тотенхем и Арсенал најдоа соодветни тренери. Јувентус е убедлив во Италија, а во Барселона сигурно му е затворена вратата. Реал Мадрид потпиша договор со Сантијаго Солари и тешко дека би ризикувал повторно да го врати Мурињо, кој ја нема променето филозофијата на игра веќе 10-тина години.

Мурињо има само 55 години, но дали ова може да биде крај на неговата тренерска кариера?

 

- Оглас -

Најнови вести