Неочекувани проблеми има Египет непосредно пред стартот на Африканскиот куп на Нации што ќе се игра во Камерун од недела 9. јануари, до 6. февруари.
Поради проблеми со Ковид-19, Мохамед Салах и останатите Фараони од експедицијата што требаше денеска да патуваат за Јаунде останаа дома, а закажаниот лет им е откажан.
Откажан беше и денешниот тренинг, а не е објавено колку репрезентативци на Ѐгипет се позитивни на Корона-вирус.
Сега се чека информација во кој состав утре, сабота, седумкратниот африкански првак ќе лета за Камерун.
Египет треба да стартува на АФКОН на 11. јануари со мега-дерби против Нигерија.
Популарните Фараони се најтрофејната нација во Африка со 7 континентални титули и имаат големи амбиции и на ова издание на Купот на Нации.