Филипе Кутињо прифати да си замине од Барселона и во вториот дел од сезоната, како позајмен играч ќе го носи дресот на Астон вила. Бразилецот не можеше да се наметне во првиот тим на каталонскиот гигант, а беше еден од најскапоплатените фудбалери, што преставуваше голем товар во услови на криза на „Камп Ноу“.
Бразилецот не само што прифати да си замине од Барселона, туку се согласи и за двојно намалување на платата. Тој заработуваше 20 милиони евра по сезона, но се согласи годишната плата да му биде скратена на 10 милиони евра и тоа најголемиот дел ќе ја исплаќа Астон вила.
„Ова зборува многу за него. Си замина од Барселона за да може да игра. Дури прифати и платата да му биде намалена. Тој е голем професионалец и сака да успее во тоа што го работи. Тука многу се мачеше и се надевам дека го најде вистинското решение за него“, рече тренерот на Барселона, Чави Ернандес.
Кутињо многу добро ја познава англиската Премиер лига. Од 2013 до 2018 година играше за Ливерпул и постигна 54 голови во 201 натпревар. Потоа направи трансфер вреден 160 милиони евра во Барселона, но на „Камп Ноу“ не се прослави. Во кариерата има играно и за Баерн Минхен, Еспањол, Интер и Васко де Гама.
Кутињо со прифаќањето за намалување на плата и заминување од клубот во кој не може да игра, покажа дека е сосема различен од Герет Бејл, кој во Реал Мадрид веќе подолг период воопшто не игра, а добива најголема плата во клубот, без да сака да си замине или да прифати намалување. Бејл реши да остане во Реал до крајот на договорот и да добива целосна плата.