Ракометната федерација на Македонија објави дека пет члена на македонската делегација која утре треба да замине за Дебрецин на денешното ПЦР тестирање за корона-вирус имале позитивни резултати.
Засега не се знае дали станува збор за ракометари или членови на стручниот штаб.
Македонските репрезентативци утре наутро ќе го одработат последниот тренинг пред заминувањето во Дебрецин.
„Според резултатите од денешните ПЦР тестирања направени во овластена лабораторија за сите членови на таборот на Ракометната федерација на Македонија, кај петмина претставници кои утре требаше да заминат на Европското ракометно првенство 2022 детектиран е вирусот SARS-CoV- 2 (Covid-19)“, велат од РФМ.
Репрезентацијата утре во 14.10 часот попладне заминува за Унгарија, а првиот меч од групната фаза нашите ракометари ќе го одиграат на 13 јануари (четврток) во 18 часот против Словенија.