Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 20.30 часот против Данска го игра својот трет и последен натпревар на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
По разочарувачкиот пораз, избраниците на Кирил Лазаров се на потег, вечер треба да покажат како треба еден репрезентативец да се бори кога го носи дресот на својата земја.
Против Словенија бевме аутсајдери, но одигравме подобро отколку против Црна Гора, кога бевме фаворити, па можеби и вечерва тимот ќе биде без притисок дека „мора да победи“ и ќе си го осветли образот пред себе и пред јавноста. Несериозно е да им се закануваме на Данците дека ќе ги победиме, но разочараната и плукана публика која патуваше илјада километри за да ги бодри, сигурно ќе ги поздрави македонските играчи ако тие дадат максимум против Данска и одиграат борбено.
Сите во тимот и стручниот штаб им се благодарни на фановите и велат дека им е жал што ги разочарале со своето издание завчера, сега може да докажат дека навистина е така и да дадат 100 проценти од своите можности. А, Фалангата си е Фаланга, таа секогаш е со спортистите, и кога победуваат и кога губат.