Македонскиот тениски јуниор, Калин Ивановски не успеа да се пласира во второто коло на Австралија опен во Мелбурн, откако по голема битка загуби од Јарослав Демин со 6:7, 5:7.
Иако нашиот тенисер беше фаворит и рангиран како десетти носител на јуниорскиот дел од првиот гренслем во сезоната, сепак рускиот тенисер оди понатаму.
Мечот на 14. терен во Мелбурн парк беше исклучително возбудлив, а одлучуваа нијанси и среќата, кои овојпат беа на страната на Демин.
По голема битка во првиот сет Ивановски потклекна во тај-брејкот и го загуби со 7:3 во поени.
Потоа како да падна со темпото, па Демин поведе со 3:0 во гемови во вториот сет, но крајот на мечот беше далеку. Ривалот водеше и со 4:1, но Калин не се предаде и со храбра игра успеа да израмни на 4:4.
Потоа се играше гем за гем и двајцата тенисери успешно си го одбранија следниот сервис и кога се чинеше дека ќе има нов тај-брејк, Ивановски загуби речиси добиен гем на свој сервис при резултат 6:5 за противникот.
Нашиот тенисер имаше предност од 40:15, му фалеше само уште еден поен да израмни на 6:6 во гемови и да игра нов продолжен сет, но се разигра Демин и со четири поени по ред го доби и вториот сет и мечот со 7:6(3), 7:5.