Различни одлуки зависно од регионот на којшто припаѓаат има за спортските настани во Германија, а причината е пандемијата со ковид-19, што доведе до чудна ситуација дел од Бундеслигашите да имаат помалку публика од екипите од понизок ранг.
Во Баварија со денешната одлука дозволено е да има максимум 10 илјади луѓе на стадионите, па Баерн ќе има токму толкав број навивачи во дербито против Лајпциг на 5 февруари.
„Алијанц арената“ во Минхен, на која Баерн игра како домаќин, има капацитет од 75 илјади места. Последниот меч што Баерн го играше на свој терен и го загуби од Борусија Менхенгладбах со 1:2 се играше без публика.
Херта играше со присуство само на 3 илјади навивачи токму против Баерн во Берлин минатиот викенд, а интересно е дека Магдебург, кој е третолигаш, беше бодрен од над 13 илјади навивачи во неделата против Хавелсе.
Магдебург припаѓа во областа Саксонија и таму е дозволено капацитетот на стадионите да биде пополнет со 50 отсто публика.