Предвреме заврши соработката меѓу Панатинаикос и Чави Пасквал. Шпанскиот стратег доби отказ откако „зелените“ вчера претрпеа дебакл од актуелниот европски првак, тимот на Реал Мадрид. Но, тој пораз е само дел од лошите резултати кои ги реди грчкиот тим сезонава, па Пасквал ја плати цената.
Во наредниот период ПАО ќе биде предводен од неодамнешната десна рака на Пасквал, Јоргос Воворас, а ќе му помага Фракискос Алвертис. Раководството на клубот засега работи за наоѓање идеален тренер кој ќе го предводи тимот до крајот на сезоната, а според информациите од САД, се споменува дека нов предводник на Панатинаикос ќе биде Рик Питино, стратег кој се прослави во универзитетскиот кошаркарски свет, а своевремено беше дел од стручните штабови на Бостон селтикс и Њујорк никс.
Грчкиот гигант сезонава игра многу лошо во европскиот шампионат. По 13 средби, забележа само шест победи, по што се оддалечи од местата кои водат во нокаут-фазата.
Пасквал пристигна во октомври 2016 година и потпиша тригодишен договор, кој сега нема да биде испочитуван до крај. Со Панатинаикос освои две титули во грчкиот шампионат, како и еден Национален куп. Во Евролигата стигна најмногу до четврт-финалето, и покрај амбициите да се бори за шампионска титула.